Палчо во Турција изнајмил куќа за три месеци, сведочи Стефан Димковски кој го возел од Белград за Турција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На денешното судење сведочеше Стефан Димковски, член на основачкиот тим на партијата „Десна“ и лицето кое го возело Љупчо Палевски – Палчо од Белград до Турција преку Бугарија. Во своето сведочење, Димковски откри детали за патувањето, разговорите со Палчо и неговите планови во Турција.

„На 1-ви декември ми се јави на Телеграм. Го прашав што прави, ми рече дека е на преглед во Белград и ме замоли да го земам и да го вратам во Скопје,“ сведочеше Димковски.

Но, патувањето се одвивало поинаку.

Според него, тие се сместиле во Ниш, каде Палчо рекол дека следниот ден треба да се види со некој човек.

„Со човек не се сретнавме“, вели Димковски и додава дека другиот ден Палчо му рекол дека планот се променил и дека има две опции или да го врати во Белград или да оди во Турција.

Од таму одлучил да продолжат за Турција, бидејќи немало летови од Скопје, а морал да оди на преглед за кичмата.

Димковски опиша дека за време на патувањето, Палчо често разговарал на телефон, а еднаш побарал да се јави од неговиот уред.

„Ми го побара телефонот да се јави кај Влатко (н.з Кекишев) од Штип, бидејќи немаше батерија,“ рече сведокот.

Во Турција, Палчо изнајмил куќа наместо хотел, објаснувајќи дека тоа било поевтина опција. „Мислам дека ја зеде за 150 евра месечно“, додаде Димковски.

Јавен обвинител: На колку време ја изнајми куќата?

Димковски: На три месеци

Судијата: A ви кажа ли зошто изнајмува на три месеци?

Димковски: „Затоа што не давале на помалку, а поевтино било од хотел“

Тој исто така спомна дека Палчо се подготвувал да снима подкаст од Турција, носејќи со себе торба со камери.

На прашање за комуникацијата за време на доручекот, Димковски рече дека Палчо го информирал за претресите во партијата.

„Ми кажа дека влегле во штаб, направиле претрес, уапсиле пет лица, но ги пуштиле. Ми вели, ми го лепат мене за исчезнатото девојче,“ изјави сведокот.

По напуштањето на Палчо, тој се сместил во хотел, каде вели дека се онесвестил во хотел кога ги гледал прес-конференциите и информациите во медиумите.

„Му се јавив на Палчо и го прашав што е ова, ми рече дека е тешка местенка,“ додаде тој.