Депонијата во општина Пласница секој ден се пали, се шири лош мирис, чад цело време. Оваа депонија се наоѓа меѓу селото Лисичани и Дворце, а жителите веќе неколку пати барале нејзина дислокација. Претседателот на месната заедница рече дека тропнале на секоја врата и дека веќе не можат да живеат таму.
Засегнати од оваа депонија се и жителите на село Лисичани кои се оддалечени од депонијата помалку од еден километар.
ТВ21 побара објаснување од градоначалникот на општина Пласница, Алија Јаоски. Тој рече дека самите жители на селото ја палат депонијата и дека лошиот мирис се чувствува до селото Пласница.
Состојбата со депонијата и мене ме загрижува. Цело време лобираме за да се најде решение. Како трајно решение ја гледаме регионалната депонија во Новаци кај Битола. Имаме средба во среда во Министерството за животна средина да видиме какво решение ќе е најде. За викендот планирам да организирам приватна машинерија за да се покрие депонијата со земја и да не се пали. Доколку министерството не најде решение за кратко време, ќе направиме голема дупка и ќе го фрламе отпадот таму, изјави градоначалникот на општина Пласница, Алија Јаоски.
Депонијата во ова село е создадена во 2012 и оттогаш се до сега постојано реагираат жителите барајќи нејзино дислоцирање. Проблемот со отпадот веќе стана феномен речиси во сите општини низ земјава.