Заменик помошникот државен секретар и специјален претставник на САД за Балканот Метју Палмер во вчерашното интервју за ТВ21 посочи дека е убеден дека ќе се постигне решение помеѓу Скопје и Софија во врска со прашањата кои го блокираат напредокот на Северна Македонија кон членството во Европската Унија.
„Убеден сум дека ќе се постигне решение помеѓу Софија и Скопје во врска со прашањата кои го блокираат напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ. Убеден сум дека може да се решат тие прашања“, посочи Палмер.
Специјалниот претставник на САД за Балканот смета дека ЕУ мора да изнајде начин да ја покаже својата посветеност кон овие држави, да им го отвори патот и да ги отпочне меѓувладините конференции.
„ЕУ се обврза дека ќе ги почне преговорите за членство со Северна Македонија и важно е да си ја исполни обврската. ЕУ мора одново да го поврати кредибилитетот кој ќе ѝ овозможи да биде ефикасна во регионот. Мора да си ги исполни своите обврски“, порача Палмер во интервју за ТВ21.
