Панел-дискусија на 11 FMCG SUMMIT: Дисконтизацијата ја менува играта на пазарот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иднината на трговијата и динамичните промени во малопродажбата беа во фокусот на панел-дискусијата на 11. FMCG Summit, кој и годинава собра водечки имиња од бизнис-заедницата. Под темата „Дисконтизација на малопродажбата – крај на старите правила?“, експертите дискутираа за трансформацијата на пазарот, новите купувачки навики и улогата на брендовите во услови на растечка конкуренција и ценовен притисок.

Во дискусијата на оваа тема своите мислења и ставови ги споделија Трајче Цветановски, генерален директор на Кам маркет, Климе Булоски, генерален директор на Gemak Trade, и Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на Млекара АД Битола.

Цветановски посочи дека дисконтизацијата на македонскиот пазар почнала одамна и дека денес има сè повеќе синџири кои работат на принципот на дисконтна продажба. „Прашање е дали пазар со два милиони жители може да има толку многу дисконти“, истакна тој.

„Ние како производители мораме да се приспособиме на специфичностите на потрошувачите на секој синџир. Во спротивно, ризикуваме да бидеме исклучени од тие маркети. Нашето партнерство мора да биде во корист на крајниот потрошувач“, додаде Петрушев.

Според Булоски, клучот е во рамнотежата: „Мора да имаме win-win ситуација меѓу трговците, дистрибутерите и производителите. Сите треба да бидат задоволни за да функционира целиот трговски систем. Затоа заеднички вложуваме напори за оптимизација на трошоците и постигнување на најдобра цена во целиот синџир.“

Иако приватните трговски марки сè повеќе го освојуваат пазарот, говорниците се согласија дека тие нема целосно да ги истиснат брендираните производи. Петрушев нагласи дека двата модела ќе коегзистираат – кај приватните марки клучен ќе биде квалитетот, додека кај брендовите ќе доминираат оние што нудат дополнителна вредност и диференцијација.

Цветановски посочи дека дисконтизацијата донела и нови предизвици за брендовите – особено поради нивниот лимитиран асортиман, што ги тера брендовите да бараат други канали за продажба.

Од друга страна Булоски смета дека: „Новите генерации не се толку приврзани кон брендовите – за нив квалитетот е најважен фактор“.

Домашните производители, според панелистите, се под постојан притисок за адаптација поради ниската продуктивност и расцепканоста во примарното производство. „Токму тоа создава зголемени трошоци и предизвици“, истакна Петрушев.

Учесниците беа едногласни дека FMCG секторот брзо се менува, а дисконтниот модел еволуира. „Ќе се приспособуваме на промените – тоа е единствениот начин за одржлив раст“, потенцира Цветановски.

Булоски додаде дека во блиска иднина може да се очекува консолидација на малопродажбата, со помал број продажни места и поголема улога на синџирите и дистрибуцијата.

Промените во малопродажбата се неизбежни, но тие носат и нови можности за раст, иновации и партнерства. Панел-дискусијата на 11. FMCG Summit уште еднаш потврди дека иднината им припаѓа на оние што се подготвени да се приспособуваат, да соработуваат и да создаваат вредност за целиот FMCG-сектор.