Папаров: Негрижата и неодговорноста на еден родител прати 14 ученици во изолација

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Негрижата и неодговорноста на еден родител во изолација испрати 14 ученици од еден клас од предметна настава, информираше денеска директорот на најголемото штипско основно училиште „Ванчо Прќе“, Методи Папаров.

Забележува дека до денеска имаат потврдени тројца заразени ученици со коронавирусот. Појаснува дека пред неколку дена потврден е позитивен случај во подрачното училиште во штипската населба Ново Село. Но, родителот наместо и второто дете да го задржи дома го пуштало на редовна настава во централното училиште.

-Сето ова е од негрижа на еден родител да затвориме целосно една паралелка, да пратиме 14 ученици во изолација. Станува збор за ученик во подрачното училиште, кој беше во изолација, меѓутоа неговата сестричка посетувала настава во централната зграда, па моравме да ги преземеме за време на празникот, сите мерки и од денес овие ученици да останат дома и да следат онлајн настава, вели Папаров.

Посочува дека целото одделение од предметна настава заминуваат во изолација, бидејќи ја користиле и фискултурната сала, а во самата училница бидејќи биле само 14 ги почитувале сите здравствени протоколи, секој ученик седел сам во една клупа. Папаров повика на одговорност кај родителите, доколку имаат позитивен случај во семејството или имаат симптоми да ги задржат своите деца дома се додека епидемиолозите не утврдат какви мерки треба да се преземат.

МИА претходно информираше дека бројката на изолирани ученици во штипските основни и средни училишта сега е 73. Од почетокот на учебната година па до денеска регистрирани се осум ученици, кои се позитивни на коронавирусот и тројца наставници од основните и средни училишта.