Паркингот на Водно во текот на продолжениот викенд го искористиле 521 возило според бројот на испратени СМС пораки, соопштија денеска од Град Скопје.
Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно.
Градските власти посочуваат дека паркирањето се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 9 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари.
– На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси, а паркирањето во зеленило се санкционира, соопштија од Град Скопје.
Оттаму апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.
