Група млади се подготвуваат за пикник. Излегоа во паркот во Сарај за да го поминат 1 Мај, но се изненадија од „тивката“ атмосфера која владее…
-Излеговме за 1 мај, се надевавме дека ќе има поголема раздвиженост, но поради пандемијата, Рамазан, полицискиот час, како што се чини нема многу луѓе. Секако, мислам дека ќе биде добро. И времето не ни ветува многу, но треба да бидеме позитивни. Ќе направиме поинаква атмосфера-вели граѓанка.
И останати граѓани кои обично 1 мај го минуваат во паркот во Сарај, велат дека ова е првпат да го видат паркот во ваква состојба.
-Што да кажам, не си поминуваме добро поради пандемијата, Рамазан. Порано беше преполно, никогаш порано го немам видено вакво местото. Зависи сега и пандемијата и условите…
И на Матка ја немаше вообичаената еуфорија која владее за 1 мај, но и во викендите. Можеа да се забележат само неколку групи луѓе.
Малку возила и посетеност и во Тетовската бања. Како во Скопје, па така и во Тетово, граѓаните велат дека поради постот денешниот празник не го празнуваат традиционално со скара.
-Поради Рамазан не празнуваме. 1 Мај е за работниците, а 90% од луѓето не работат. Каде се работниците?
Парковите празни, но истото не може да се каже и за граничните премини „Табановце“ и „Блаце“, каде може да се забележат долги колони возила, а според информациите, се чека и до еден час. Од МВР за ТВ21 велат дека метежот на границите е резултат на техничките проблеми при контрола на патниците.
