Работната група за подготовка на измените на Изборниот законик формирана од Министерството за правда е блиску до договор во однос на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, информираат за МИА од Министерството за правда, посочувајќи дека преостанува уште малку време за усогласување на ставовите бидејќи предлогот треба да биде доставен до Собранието.
Во однос на изборниот модел, главниот предизвик, како што посочуваат, е утврдување на начинот на избор на градоначалниците, односно дали тие ќе се избираат во прв или во втор круг. Сепак, според информации од политичките партии, за негово менување веројатно ќе се разговара во иднина.
Пред повеќе месеци, Министерството за правда формираше работна група за подготвка на измените на Изборниот закон, со цел исполнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но и за да се отвори дискусија околу политички прашања и промената на изборниот модел. Во однос на првата цел, исполнување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, работната група е блиску до договор. Станува збор за исполнување на голем дел од препораките содржани во Конечниот извештај на ОДИХР за предвремените парламентарни избори во 2020 година, но истите се уште во работна верзија и ќе бидат објавени по нивното усогласување, наведуваат за МИА од Министерството.
