Партиски игри со изборниот праг – независните повторно пред нови предизвици

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Големите партии се сплотени и здружени за блокирање на независните кандидати на претстојните локални избори, но ние треба да канализираме гневот и незадоволството на граѓаните од партиите- вели Горјан Јовановски, независен советник во Советот на Град Скопје од граѓанската иницијатива Зелен хуман град, во интервју за Радио Слободна Европа.

„Нашата борба продолжува, секако. Значи ние ќе се кандидираме, макар и да треба да собираме повеќе потписи. Но, не е тука идејата да застанеме бидејќи е покачен прагот, туку да го искористиме моментумот и незадоволството коешто очигледно го осеќаат партиите, коешто очигледно го чувствуваат кај граѓаните дека едноставно веќе комплетно не се верува на која било партиска структура и да го канализираме тој гнев на граѓаните за да ги собереме и да ги победиме директно во нивната игра“, порача Горјан Јовановски.

Уставен суд ги укина членовите од Изборниот закон со кои се крена прагот за собирање потписи на независните кандидати и листи. Новиот услов за независна листа за советници, градоначалници и пратеници беше 1% од запишаните избирачи. Но,состојбата е сè уште неизвесна бидејќи во Собранието има нов предлог со кој повторно има обид за подигање на прагот.

„Ние се обидовме да стапиме во контакт и директно со Собранието преку спикерот Гаши, а и со одредени државни институции, но и меѓународни институции каде што сакавме да ја приложиме состојбата во којашто се спрема, од страна на политичките партии, една нефер и недемократска атмосфера на следните избори – со цел да се истиснат независните советници надвор од трката на локални избори, бидејќи на претходните локални избори покажавме дека сме четврта најголема сила по бројот на собрани и добиени гласови“, вели Горјан Јовановски.

Јовановски вели изминатиот мандат градската власт воопшто не ја подобрила состојбата со аерозагадувањето. А страшно е и тоа што Скопје три години е без Генералн урбанистички план. Според него се чека смена на локалната власт за негово донесување. 

Тој предупредува дека ако во неговото креирање не се вклучат експертската јавност, граѓаните, советниците, ќе продолжи урбанистичкиот хаос во Скопје.