Патот Струга – Ќафасан не е приоритет – Бочварски вели ќе се реконструира овој мандат, но без рокови

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Патот Струга – Ќафасан не е приоритет за министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Патот и натаму е со големи дупки , на неколку места  речиси непрооден, нема никаква патна сигнализација, ниту осветлување. Ваквата состојба го отежнува слободното движење на граѓаните кон Албанија и обратно, особено во туристичката сезона, кога се користи од страна на голем број македонски државјани. Жителите од струшките села кои минуваат по овој пат неколку пати се побунија поради оштетувањата на нивните автомобили.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски пред неколку дена кога ТВ21 го праша за овој пат, рече дека ќе побара конкретни информации и ќе излезе со детали.

Министерот ниту денеска немаше детални информации за тоа кога ќе почнат градежните работи. Накратко кажа дека патот Струга – Ќафасан  целосно ќе се реконструира, но без да даде конкретни рокови.

Како и претходните министри така и министерот Бочварски рече дека приоритет овој мандат ќе биде изградбата на автопатот Кичево – Охрид.