Патот Струга – Ќафасан е многу важен пат за земјата. Патот е целосно уништен. Иако е долг само неколку километри, сепак поради многуте дупки, ви изгледа како да патувате по делница која никогаш нема да заврши. Се користи за транспорт на стока од Македонија во Албанија и обратно.
Освен за трговски цели, многу се користи и во текот на летото од граѓаните кои одлучуваат одморите да ги поминат во Албанија.
„Се наоѓаме на автопатот кој го поврзува Струга со Ќафасан. Овој пат веќе неколку децении е уништен и со големи дупки, затоа автомобилите се приморани да излезат на другата насока за да ги избегнат. Некои од нив, како што е оваа пред мене, се многу тешки за поминување. Имаше разни ветувања од властите, но без одреден рок кога овој пат ќе биде саниран“, посочува репортерката на ТВ21.
Властите неколку пати ветија дека ќе го санираат овој дел од делницата, но досега не е преземено ништо конкретно. Новоименуваниот министер за транспорт и врски, Благоја Бочварски изгледа не е запознаен за тоа во каква состојба е овој дел од патот и за ветувањата на неговите претходници.
Патот претставува голем проблем и за жителите на околните села, кои поминуваат таму секој ден. Велат дека многу потешко е ноќе да се вози, поради тоа што не може да се забележат дупките. Во 2018 година жителите на околните села протестираа со блокада на патот, но изгледа нивниот протест и барање наиде на глуво уво.