Коле Илијоски од кичевското село Милинце има 73 години и повеќе од три децении се занимава со пчеларство.
Неговата приказна започнува по операција на гласните жици, откако му бил дијагностициран канцер на грлото. Лекарот му препорачал мед како дел од терапијата – а тој, наместо само да го консумира, одлучил и сам да почне да произведува.
Така, од лекување се роди љубов, која прерасна во животна мисија.
Во зенитот на своето пчеларење, Коле имал 170 кошници и произведувал до 3 тони мед годишно.
Денес, поради климатски промени и други предизвици, има помал број кошници – произведува околу 110 до 114 килограми годишно, кои ги продава исклучиво преку лојални купувачи.
Со текот на годините, Коле длабоко ја проучил природата на пчелите. Се грижи за нив со љубов, иако делумно го изгубил гласот. Сè почесто размислува и за глобалните влијанија – особено, како што вели, војната во Украина која негативно се одразува на квалитетот на поленот.
Денес, својата страст ја пренесува и на следната генерација – на двете ќерки, на кои им подарил по 40 кошници. Заедно произведуваат мед со висок квалитет и го нудат на заедницата.
„За да чуваш пчели, потребни се љубов, искреност и посветеност“, вели Коле со гордост – и ги охрабрува сите да се свртат кон природата.