Идната Влада која и да дојде да ги спроведе уставните измени и Македонија да ги продолжи евроинтегративните процеси. Ова беше една од пораките на претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање, во која тој истакна дека не смее да се дозволи повторно да ја пропуштиме можноста и да чекаме нови 10 години како што тоа се случи со Букурешт 2008 година притоа играјќи си со судбината на граѓаните со наводно губење на идентитетот.
„Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Истовремено, крајно неодговорно е да си играме со чувствата на Македонецот на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да печалиме ситни политички поени“, вели Стево Пендаровски.
Пендаровски се осврна и врз состојбата во правосудниот систем, во која побара веднаш по изборите да се спроведе прочистување кај судиите и обвинителите, откако, како што рече претходно ќе има прочистување и кај политичарите. Корупцијата, истакна Пендаровски меѓу политичката и бизнис заедницата со дел од судиите и обвинителите стана начин на живот кој ја загрозува државата.
„За жал се стекнува впечаток дека Соединетите Американски Држави и Европската унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Тука сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколку пати. Веднаш по изборите да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво, кај нас, политичарите. И за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следи не само оставка туку и кривична постапка“, порача Стево Пендаровски.
Шефот на државата се осврна и на случувањата со убиството на 14 годишната Вања кое го нарече најголемата тага од последната деценија. Сепак за причините за оваа трагедија посочи дека е во тоа што премногу се толерираат оние кои пропагираат антицивилизациски вредности.
„Крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија. Преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот кои сите ние, повеќе или помалку го создававме во изминатите 32 години. Државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние кои пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци кои освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, можат повторно да ја убијат и нашата колективна совест“, додаде Стево Пендаровски.
Пендаровски говореше и за последните состојби со демографското движење во државата, со се поголемиот одлив на граѓаните од државава и рече дека тоа е проблем со кој се соочуваме изминативе години но дека во последно време доби загрижувачки размери. Потребни се активни политики кои ќе влијаат на демографската слика во земјава, бидејќи се соочуваме со реалноста да имаме малку ученици и вработени а многу пензионери.
