Пендаровски: Не сум го видел договорот за коридорите – најави дека нема да го потпише законот за 60-часовна работна недела

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Шефот на државата Стево Пендаровски тврди дека не го видел договорот со Бехтел и Енка за изградбата на коридорите 8 и 10Д. Вели дека ја очекува дебатата во Собранието за договорот, па потоа ќе го побара да го види.

„Не сум го видел, знаете дека е направена делумна декласификација за пратениците кои имаат безбедносен сертификат, значи јас го немам видено во изворна форма.

Прво сакам да ја видам парламентарната расправа, она што ќе биде на Комисијата и да видиме кои прашања ќе произлезат од таа дебата, иако мојот став го знаете, реков ќе сакам да ги видам дефинитивните верзии на сите тие 8 закони мислам дека се во парламентарна процедура и на крајот се разбира, и Уставот тоа го бара од мене, да се произнесам за секој од нив“, вели Стево Пендаровски.

Доколку се усвои законот за 60 часовна работна недела најави дека нема да го потпише Указот за измена на законот за работни односи.

„Не, ако остане во таа варијанта не, затоа што веќе постои одлука тоа правно се нарекува res judicata, Уставниот суд минатата година ја прогласи за неуставна таа одредба во еден друг закон. Значи не можеме да ги повторуваме грешките. И да го потпишам, а нема да го потпишам ако е таква одредбата јасно е дека Уставниот суд следејќи ја својата претходна одлука повторно ќе ја прогласи за неуставна“, порача Стево Пендаровски.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со критики за договорот, обвинуваат дека доколку биде потребна арбитража се исклучува македонското законодавство а ќе се применуваат закони на Англија и Велс.

„Владата при склучување на најголемиот договор со најголем финансиски товар врз Буџетот, во услови на криза и инфлација, во услови на економски колапс потпишува договор со кој што го суспендира македонското право. Се работи за договор сокриен од очи на јавноста, базиран на непостоечки закони во Македонија како на пример 60 часа работна недела, кршење на закони за урбанизам, градење без дозвола, градење врз археолошки локалитети и многу други ставки“, порача Наум Стоилковски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да им се достави договорот на увид од најмалку десет дена, а дури потоа да има дебата на собраниска комисија, која би била затворена за јавност. Од власта постојано повторуваaт дека опозицијата со обвинувањата само шири лаги и манипулации, а измените на законот за 60 часовна работна недела е за да се уреди прекувремената работа со што изградбата на коридорот би била побрза и поевтина