Пендаровски со реакција за изјавата на Ајдари: Никогаш не сум имал информации за „Монструм“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зборувајќи за случајот Монструм, Бедри Ајдари, роднина на обвинетите, синоќа во емисијата Клик Плус рече дека за време на протестите на Шарената револуција, случајно го сретнал сегашниот претседател Стево Пендаровски. Во разговор Пендаровски рекол дека доколку се откријат убијците на петте жртви на случајот Монструм, ќе има војна.

„Сме се сретнале пред Собрание со сега Претседателот на државата, Г. Пендаровски. Го прашавме што се случи, зошто не ги објави бомбите г. Заев. Го цитирам – рече – бев присутен кога дојдоа овие од „ридот“, алудираше на американците и му рекле, дали сакаш да предизвикаш војна, кога ќе сфатат луѓето кои се убијците и кој се виновниците, тогаш и Албанците и Македонците ќе излезат пред Влада, таму ќе одат, не ќе ги пречека ЕБР, специјалната единица, ќе има големо крвопролевање, бидејќи ќе отидат да го фатат Груевски за врат затоа се случило ова и зошто се обвинети Албанци.“, рече Ајдари.

Оваа изјава веднаш предизвика реакција од кабинетот на Претседателот. Од таму велат дека претседателот никогаш не се сретнал со роднини на обвинетите во случајот Монструм отфрлајќи ја изјавата на Ајдари како невистинита.

„Претседателот Пендаровски, во врска со случајот „Монструм“, никогаш немал средба со семејствата на обвинетите, ниту пак има какви било информации и сознанија во врска со убиствата, добиени од домашни институции или од странски извори, ниту во периодот пред да биде избран за претседател ниту потоа.“, велат од кабинетот на Претседателот Пендаровски.

Откако Монструм се врати на повторно судење, прислушуваните материјали или т.н. бомби на тогашната опозициска СДСМ, беа нови докази во постапката. Така очекувањата во јавноста беа големи, дека вистината ќе излезе на виделина и дека ќе се знае кои се убијците и кој бил мотивот. Меѓутоа не беше објавена ниту една бомба за да се смени правецот на случајот. Обвинителството во завршните зборови побара доживотна казна за тројцата првообвинети, а за другите двајца од 10-15 години затворска казна, додека за обвинетиот Сами Љута се бара ослободување од обвинението бидејќи нема докази дека тој извршил кривично дело.