Во раните утрински часови, САД извршија напад врз три ирански нуклеарни објекти – Фордо, Натанц и Исфахан. Ова е најмоќниот напад врз нуклеарната програма на Иран досега. Шест невидливи бомбардери Б-2 Спирит фрлија вкупно 12 бомби за разбивање бункери GBU-57 врз ултра-утврдениот подземен комплекс Фордо, додека американските подморници испукаа 30 крстосувачки ракети врз објектите во Натанц и Исфахан.
По неколкудневно размислување, одлуката на Трамп да се придружи на израелската воена кампања против Иран го интензивираше конфликтот.
Неколку часа по нападот, Трамп се обрати до нацијата. Според него, утрово американското бомбардирање целосно уништи три ирански нуклеарни постројки, Натанц, Есфахан и Фордоу.
„Или ќе има мир или Иран ќе се соочи со трагедија многу поголема од онаа на која бевме сведоци во изминатите осум дена“, рече Трамп во говорот во Белата куќа, нарекувајќи го Иран „насилник на Блискиот Исток“ и велејќи: „Ако мирот не дојде наскоро, ќе нападнеме други цели со прецизност, брзина и вештина“.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските напади врз иранските нуклеарни постројки биле „неверојатно успешни“ и сериозно ја уништиле нуклеарната програма на Иран.
На прес-конференцијата во Пентагон, Хегсет рече дека „прецизните напади биле насочени, моќни и јасни“.
„Синоќа, по налог на претседателот Трамп, американската команда изврши прецизен удар среде ноќ врз три нуклеарни објекти во Иран. Целта беше да се уништи или сериозно да се ослаби нуклеарната програма на Иран“, рече Хегсет.
Тој додаде дека операцијата била насочена исклучиво кон нуклеарни цели, а не кон воени сили или цивили.
