Рускиот претседател Владимир Путин ќе го прими специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, во првата половина од следната недела, објави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека Украина е во длабока криза и дека корупцијата во таа земја е поврзана со пари наменети за војна.
„Во првата половина од неделата. Ќе го објавиме точниот датум навремено“, изјави Песков за новинарите, одговарајќи на прашањето кога би можела да се одржи средбата меѓу Путин и Виткоф, пренесува РИА Новости. Коментирајќи ја информацијата за разрешување на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, Песков истакна дека настаните во Киев укажуваат на длабока политичка криза.
„Во Киев се случуваат настани што покажуваат длабока политичка криза, предизвикана од корупциски скандали“, рече Песков.
