Управата за јавни приходи до крајот на 2025 година треба да собере уште околу 660 милиони евра од даноци и придонеси за да се реализира планираниот буџетски приход. Ова го изјави директорката на УЈП, Елена Петрова, во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ21.
Петрова нагласи дека станува збор за приходите од ДДВ, персонален данок на доход, данок на добивка и придонеси. Заклучно со ноември, УЈП веќе има наплатено 3 милијарди и 970 милиони евра.
„До 10 декември реализацијата изнесува 91 процент. Остануваат за наплата уште 211,7 милиони евра, а пред нас се уште 20 дена“, наведе Петрова.
Во делот на придонесите, директорката посочи дека последните расположливи податоци се заклучно со 30 ноември. Годишниот план за придонесите е 2 милијарди и 190 милиони евра, од кои досега се наплатени 1 милијарда и 737 милиони евра, што значи дека остануваат околу 450 милиони евра за реализација до крајот на годината.
УЈП очекува засилена динамика на наплатата во последните недели од годината за да се исполни проектираниот фискален план.
