Иницијативите на ДУИ за интерпелации се важен чекор за заштита на единството, еднаквоста и стабилноста на Македонија. Ова е образложението на интегративците пред утрешната седница на Собранието на која на дневен ред се дури 5 интерпелации од кои 4 се поднесени од ДУИ. Од оваа партија посебно се осврнуваат на барањето одговорност на двајцата вицепремиери Изет Меџити и Иван Стоиљковиќ. Со овој предлог за недоверба сакаме да му дадеме можност на Меџити да се дистанцира од својот колега Стоилковиќ и другите кои им служат на странските интереси, велат од ДУИ.
„Стоиљковиќ, верен поддржувач на „српскиот свет“ и докажан проруско-путински приврзаник одамна се истакнува во поткопувањето на интегритетот и независноста на Северна Македонија. Од друга страна, иницијативата за разрешување на Меџити има уште подлабока цел. Овој чекор не е само критика кон него, туку можност да го спасиме од ризикот да стане олицетворение на истата политика, едноставно на пат е да стане „другата страна на истата монета“ што ја претставува Стоиљковиќ“, велат од ДУИ.
Вицепремиерот Меџити на ова одговори:
„Премиерот Христијан Мицкоски вчера оцени дека интерпелациите ќе биде неуспешен обид на опозицијата да изнесе неосновани критики и дека ќе има неуспешно гласање“, вели Изет Меџити.
„Очекувам од страна на опозицијата напади кои што ќе поларизираат, очекувам да поттикнат чувства на меѓуетничка нетолеранција, но мислам дека тоа ќе биде јалово и неуспешно и ќе заврши овој обид како неуспешен“, вели Христијан Мицкоски.
За овие интерпелации на ДУИ нема да гласа ниту СДСМ. Тие ваквиот став го донесоа уште претходно на седница на Извршниот одбор на партијата. Многу е веројатно дека тие нема да дебатираат ниту да гласаат за интерпелацијата на Илире Даути поднесена од Левица за блокирањето на законот за бранители, иако овој закон токму тие го поднесоа.
„Нема да ги поддржиме и нема да гласаме за интерпелациите кои што се поднесени од ДУИ. Не се потребни нови поделби по етничка основа. За поднесување интерпелација потребно е да се видат критериумите и секако сите оние аргументи кои што се поврзани со лошото работење на некој министер“, вели Богданка Кузеска.
Иако утре ќе се расправа за сите 5 интерпелации одеднаш, според ваквиот распоред на силите не се очекува да има голема дебата. ДУИ поднесе интерпелација на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоиљковиќ, како и за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, а Левица поднесе за претседателката на Комисијата за социјална политика Илире Даути.
