Со заеднички проект на Министерството за животна средина и Општина Боговиње, вчера е пуштена во употреба водоводната мрежа за село Пирок – о. Боговиње. Проектот чинел 5.8 милион денари, од кои 3.3 милиони се обезбедени од општина Боговиње, а 2.5 милион денари од Министерство за животна средина.
„Од денеска населеното место Пирок ќе се снабди со вода, 20 литри на секунда, што верувам дека со тоа се решава проблем кој го имаме со децении и конечно Пирок ќе се снабди со вода за пиење.“, вели Аљбон Џемаили.
„Ова е добар пример како треба да функционира централната власт со локалната власт и имаме добра оценка од граѓаните за да се санира водоводот и да се решат нивните проблеми. Ова беше добра соработка и верувам дека и во иднина ќе имаме и други соработки.“, вели министерот Насер Нуредини.
Сепак без вода за пиење во општина Боговиње се уште се селата Камењане и Палчиште, чиј жители полнат вода од разни извори или купуваат. Џемаили вели дека има проекти и за овие села и се обезбедени и средства.
„Во Камењане фазата за тендер помина, избран е оператор и требат да почнат градежните работи, а за село Палчиште се обезбедени средства и додатниот дел ќе се обезбеди од општинските средства.“, рече Џемаили.
Врз основа анализи од Центарот за јавно здравје во Тетово, околу 68% од селата на руралните општини од тетовскиот регион, немаат чиста вода за пиење.
