Истражувањето спроведено од Интелектуалната иницијатива за подобрување на квалитетот во универзитетското образование НИРЦАУ, во едногодишен период, односно од март 2020 до март 2021 покажа дека научните трудови на професори од Тетовскиот универзитет, поточно професори по медицина, се плагијати. Според истражувањето, 10 професори добиле научна титула преку плагијат.
„Досега, до раководството на оваа институција поднесовме над 15 поплаки за украдени истражувања на професори и докторанти на овој факултет и незаслужено напредување во академската титула на овој факултет. Но,…очигледно поплаките наидоа на глуво уво. Академската нечесност, овој незаконски пазар, академска измама и многу други дела се синоним на проблематиката која ја истражувавме неколку месеци, а која се однесува на плагијат истражувања од професори од овој факултет кои не се малку на број, а во меѓувреме никој не им застанува на патот во извршување на ова дело.“, велат од Интелектуалната иницијатива за подобрување на квалитетот во универзитетското образование.
Но, в.д. деканот на Медицинскиот факултет, Невзат Елези, вели дека плагијатите не треба да се објавуваат во медиуми, туку пред надлежните органи. Тој застанува во одбрана на неговите колеги, велејќи дека титулата „професор“ не може да се добие со само еден труд.
-Ние не можеме да се занимаваме со некого кој излегува во етер. Ако некој ги открил… јас не сум против откривање на плагијати, бидејќи науката не се прави со копирање. Со еден научен труд не можеш да добиеш титула, туку со повеќе. Ние не можеме да ги негираме дали се 20 или 30. Ако нечиј труд е плагијат, може да се елиминира, но не и титулата…-вели Елези.
Поранешната студентка пак, Ардиана Даути вели дека била обврзана да купи книга од еден од професорите кој се споменува во ова истражување.
-Во текот на моето 4 -годишно студирање и јас бев дел од таа коруптивна појава. Како студентка бев обврзана за да добијам потпис на крајот на семестарот, да ги купам книгите на професорите инаку не можев да земам потпис. А моите колеги купуваа и семинарски работи за да добијат потпис-рече Даути.
Според Даути, професорите кои се осомничени за плагијат продавале и дипломски теми, бидејќи по протестот на студентите, купувањето на книги било забрането.
-Кога протестиравме за некого беше ненормално иако раководството знаеше за тоа , сепак не реагираа и ние студентите го изразивме нашиот револт. Од тој момент беше забрането продавањето на книги од страна на професорите, но продолжи корупцијата од друга страна, бидејќи ги обврзуваа студентите да купуваат дипломски теми-вели Даути.
Бурни реакции во текот на вчерашниот ден имаше по социјалните медиуми, но не е првпат студентите да реагираат за продавањето на оценките или обврската за купување на книга. Ова е првпат студент јавно да зборува за задолжителното купување на книги од 20 евра на универзитетите.
