„Плата за вас, плата за нас“, со оваа парола, вработените во „Флораком“ и „Луна“ ќерки фирми на „Паркови и зеленило“ и денеска излегоа на протест пред просториите на јавното претпријатие. Со свирежи и извикувања „сакаме плата“, тие го изразија својот револт не само поради непримената плата за септември и здравствено осигурување, но и поради немање основни услови за работа. Повторно го повикаа раководството но и актуелната градоначалничка Данела Арсовска да им ги решат проблемите.
-Секојдневно бараме прием до директорот на „Паркови и зеленило„ и Управниот одбор. Веќе месец дена нема слух да не прими. Исто така бараме прием и кај градоначалникот на Град Скопје како најповикана особа која што треба согласно закон да обезбеди средства за работа, средства за плата. Ние ќе протестираме се до оној момент додека не се исплати барем плата, изјави Горан Ристески, претседател на Гранскиот синдикат на државна администрација.
Вработените велат дека раководството воопшто не сака да контактира со нив, а тврдат и дека го чекале пред неговата канцеларија, но дека тој не дошол воопшто. Се надеваат дека по изборниот процес ќе најдат разбирање и кај новото раководство и кај новиот градоначалник.
-Ни се смачи веќе да бараме плата, веќе е ноември а треба да земеме плата за септември. Навистина веќе ни е преку глава за да бараме основно средство, плата. Има луѓе кои треба да си подмират сметки, треба да си платат кирии, треба да школуваат деца. Ова е срамота. Нема преговарање, нема никакво договарање, нема ништо од другата страна, така што, не знам во која насока ќе се движи сето ова, вели Атанас Георгиевски, претседател на Независен синдикат на „Паркови и зеленило“.
Синдикалците на „Флораком„ и „Луна“ претходно формираше штрајкувачки одбор, но одлуката за штрајк го стави во мирување, бидејќи не се исполнети условите за нивно одржување, односно не е завршен процесот за мирно решавање на работни спорови. Велат дека доколку не се исполнат нивните барања, по исполнувањето на условите ќе стапат во штрајк.
