172 студенти бараат да им бидат вратени парите кои ги дале за партиципација за неколку месеци во студентските домови „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“.
На почетокот на пандемијата со Ковид-19, тие немаа право да ги користат студентските, иако претходно платиле 50 евра партиципација за сместување и храна.
Една од нив е и Ева Спирковска од Битола, која е трета година на Педагошкиот факултет во Скопје. Таа вели дека неколкупати побарале да им бидат вратени парите, но веќе 7 месеци не добиле никаков повратен одговор.
Директорот на Државниот студентски дом „Гоце Делчев“, Виктор Велевски, ветува дека до крајот на месецов студентите ќе ги добијат назад нивните пари.
Од Управата на студентскиот информираат дека останале да се решат уште неколку административни процедури, по што, како што уверуваат, студентите ќе ги добијат назад парите кои ги дале за услуга која не ја искористиле.
