Вработените во подружницата на Пошта во Тетово излегоа на протест!
Тие се револтирани бидејќи речиси една година платата ја добиваат по 20-ти во месецот, а немаат ниту здравствено осигурување и не можат навреме да ги платат сметките и ратите за кредит.
„Во Тетово сме 120, но не е само во Тетово – во државата сме околу 1700 вработени. Ова не се случува само тука, туку низ цела Македонија. Ќе се консултираме и ќе продолжиме сè додека не ги добиеме платите, бидејќи скоро една година платите постојано доцнат, а претходно ги добивавме од 1-ви до 5-ти“, вели Даут Рамадани.
„Со оглед на потребите на работниците – некој има стан, некој мора да плати рати, растеме деца, школо – сите овие причини предизвикуваат проблеми, и затоа се организира денешниот протест“, вели вработен.
Директорот на подружницата во Тетово ги поддржува вработените, бидејќи, како што вели, тие даваат максимум во својата работа и работат во лоши услови.
„Овие работници што се тука ја имаат мојата безрезервна поддршка за обезбедување на платите, затоа што сите овие работници или најголемиот дел од нив со оваа плата издржуваат семејства и ја работат својата работа со посветеност. А оние што не ги почитуваат правата на работниците или колективниот договор треба да знаат дека не работат добро. Се надевам и верувам дека овој протест ќе даде резултати и во однос на платите и во однос на подобрување на условите.“, вели Мухамет Зулбеари.
Според вработените, доколку состојбата не се подобри, тие ќе продолжат со протестите и во наредните денови.
