Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ утринава допатува во Киев на средби со претседателот на Украина Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и со претседателот на Врховната рада Руслан Стефанчук, соопшти Владата.
Владата објави фотографии на кои се гледа дека Пленковиќ бил пречекан од украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Заедно со премиерот е и министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
„Хрватска знае како е да се биде под воена агресија и продолжува да обезбедува политичка, дипломатска, финансиска, хуманитарна, техничка и каква било друга можна поддршка на Украина, како и помош во грижата за украинските бегалци“, соопшти владата во соопштението.
Украинскиот државен врв на средбите ќе го информира премиерот за последиците од уништувањето предизвикано од руските напади, а ќе се разговара и за натамошната помош и продолжување на европскиот пат на Украина.
„Израз на солидарност и поддршка“
Посетата на премиерот на Украина се случува во пресрет на Денот на Европа и е израз на солидарност и поддршка за украинските власти и пријателскиот украински народ, кои се жртви на бруталната руска агресија, се вели во соопштението на владата.
Пред воената инвазија, премиерот беше во официјална посета на Украина во декември 2021 година, а учествуваше и на Самитот на Кримската платформа заедно со лидерите на ЕУ во август 2021 година.
Премиерот Пленковиќ и министерот Грлиќ Радман беа пречекани од амбасадорката Аница Џамиќ, која по овој повод се врати во Киев, каде ќе остане и ќе продолжи да ја води хрватската амбасада во Украина.
