Пред 13 години полицијата го приведе од дома Реџаил Ќерими од село Опаје – Липково. По 13 години поминати во затворот во Идризово, синоќа по полноќ починал. Сите овие години Реџаил се обидувал да ја докаже својата невиност за случајот „Алфа“, а и при неговото последно обраќање од затворот, рече дека е невин.
Една ноќ да поминеш во затвор е ужас, а не 13 години невин. Само јас и Агим знаеме колку е тешко, рече Ќерими на 9 јануари годинава.
Веста за смртта на Ќерими роднините ја добиле од другиот осуден во случајот Алфа, Агим Ислами. Велат дека Ќерими не се жалел на здравствени проблеми
„Не знам што се случило вчера, по 12 часот ми се јавија и ми рекоа дека се онесвестил и дека е испратен во болница. 10-15 минути пред да ми се јават, тој зборувал со сопругата, сестрата и братот и со 4-5 лица и за пола саат му се променила здравствената состојба“, вели Јетула Ќерими роднина на Реџаил Ќерими.
Ќерими не успеал да стигне ниту до болница бидејќи по пат била констатирана смрт велат од Управата на затворот во Идризово. За да го однесат побрзо во болница дежурните од затворот со службено возило се упатиле кон Клиниката „Мајка Тереза“ за да не доцнат чекајќи ја Брзата помош бидејќи неговата состојба се влошила.
Здравствената состојба на Реџаил Ќерими му се влошила додека се туширал, паднал над мијалникот, во просторијата каде беше. Затворениот веднаш со службено возило бил испратен во болницата Мајка Тереза во Скопје и некаде од населбата Гоце Делчев се сретнале со медицинскиот персонал на Брзата помош, по што му била пружена прва помош и реанимација, но безуспешно.
Утрово телото на починатиот Ќерими му е предадено на семејството. Обвинителството вчера ја разгледало лекарската документација на Ќерими за да ја истражат причината за смртта.
Констатирано е дека лицето имало претходна историја на болест, а лекарите од итната медицинска помош која била повикана констатирале дека кај лицето не се утврдени траги на насилство или траги кои би упатувале дека смртта настанала како последица на кривично дело.
Починатиот пред 2 недели преку видео обраќање побара правда.
Бараме целосно расветлување на случајот бидејќи ги имаат сите докази кои ги бараа за да се потврди нашата невиност. Бараме од судијата да го види видеото од убиството и сè ќе излезе на површина, рече Ќерими на 9 јануари.
Пресудата за овој случај беше донесена во април 2010 година. A настанот се случи на 26-ти ноември 2018 година на паркингот на ПМФ при што беше убиен еден полицаец, а двајца повредени.
