Владата го усвои предлогот на Министерството за здравство, со кој е предвидено да се наградат матичните лекари со по 30 денари за секој пациент доколку успеат да вакцинираат 70% од вкупниот број пациенти запишани кај нив.
Ваква препорака даде ресорниот министер Венко Филипче како мерка за поттикнување на вакцинацијата за заштита од Ковид-19. Мерката стапува на сила веднаш, а матичните лекари финансискиот надомест ќе го добијат на крајот на пролетта и почетокот на летото следната година.
Иако имаше реакции од лекарските здруженија од каде рекоа дека предлогот е недостоен, дури и потценувачки, Филипче вели дека матичните лекари се најблиску до граѓаните и можат да ги убедат да се имунизираат.
На овој начин, а и преку разни апели, министерот за здравство смета дека ќе се подигне свеста на граѓаните да се вакцинираат против коронавирус. Филипче вели дека не размислува за дополнителни рестриктивни мерки или иницијативи за стимулација на вакцинацијата, но не ја исклучува можноста вакцинацијата да стане задолжителна.
Министерството за здравство не размислува за воведување полициски час, а Владата ја одби препораката за задолжителна вакцинација на медицинскиот персонал и јавниот сектор. Според последните статистики на здравство, со две дози анти-ковид вакцина се вакцинирани 38% од вкупното население, а 47% од полнолетната популација.
