„The Hollies“ објавија дека ја завршуваат својата концертна кариера по 63 години, со што се става крај на една од најдолговечните британски поп-групи.
Веста беше потврдена на 20 август, во соопштение објавено на официјалната Фејсбук страница на бендот, во кое се наведува дека гитаристот Тони Хикс се повлекува од настапите поради здравствени причини. Тапанарот Боби Елиот, другиот долгогодишен член кој сè уште беше дел од групата, соопшти дека и тој се повлекува во знак на солидарност со својот колега.
„По повеќе од шест децении, концертната кариера на The Hollies ќе заврши со огромна благодарност до фановите кои ги поддржуваа ширум светот“, се наведува во соопштението.
„The Hollies“ се формирани во Манчестер во 1962 година од детските пријатели Алан Кларк и Греам Неш. Хикс им се приклучил во февруари 1963 година, пред успешната аудиција на групата за „Parlophone“ во студиото „Abbey Road“. Во август истата година им се приклучил и Елиот, поранешен колега на Хикс од групата „The Dolphins“, додека басистот Ерик Хејдок го комплетирал класичниот состав.
Групата станала позната по карактеристичните трогласни вокални хармонии и се вброила меѓу најзначајните претставници на британската музичка инвазија во САД. Меѓу нивните најпознати хитови се „I’m Alive“, „Bus Stop“, „He Ain’t Heavy, He’s My Brother“, „Stop Stop Stop“ и „The Air That I Breathe“.
Неш ја напушти групата во декември 1968 година и подоцна го формираше мегабендот „Crosby, Stills, Nash & Young“, а во „The Hollies“ следната година го замени Тери Силвестер. Кларк престана да настапува со групата во 2000 година.
Хикс и Елиот останале во составот во текот на сите овие години, а во последните две децении им се придружиле вокалистот Питер Хауарт, гитаристот Стив Лори, басистот Реј Стајлс и клавијатуристот Ијан Паркер. Нивниот последен албум, „Then, Now, Always“, беше објавен во 2009 година.
„The Hollies“ беа примени во „Rock and Roll Hall of Fame“ во 2010 година, иако Хикс и Елиот не присуствуваа на церемонијата бидејќи групата таа вечер имала претходно закажан концерт.
Во 2017 година, покојниот тапанар на „Foo Fighters“, Тејлор Хокинс, ја посочи „The Air That I Breathe“ како една од петте песни за кои посакувал да бил нивен автор. Песната, исто така, е позната по тоа што влијаела врз „Creep“ на „Radiohead“, при што авторите Алберт Хамонд и Мајк Хејзлвуд подоцна добиле авторски кредити за песната.
„He’s Not Heavy, He’s My Brother“ се искачи на првото место на британската топ-листа по повторното објавување во 1988 година.
Во текот на својата кариера, „The Hollies“ продале повеќе од 60 милиони плочи ширум светот.
