По две години ќе има амбасадор во Софија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија од април 2020 се уште нема испратено амбасадор во Бугарија. Министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за бугарската БТВ вели дека за неколку дена треба да се утврди предлог за амбасадор кој ќе биде испратен во Софија.


„Навистина беше пропуст што сиве овие години ние немавме амбасадор таму. Немаме утврдено име. Јас се надевам наредните денови дека ќе имаме веќе еден предлог за амбасадор“, рече Бујар Османи.

И бугарскиот премиер Петков по средбата со претседателот Пендаровски што ја имаше при посетата во вторникот во изјава за бугарските медиуми рекол дека очекува најдоцна за 60 дена Македонија да испрати амбасадор во Софија. Сепак предложениот кандидат треба да биде утврден на собраниската седница на Комисијата за надворешна политика, за што претходно министерот Османи, а и вчера вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во емисијата Клик плус на ТВ21 изјави дека претседателот на оваа комисија Антонио Милошоски ја кочи целата процедура за испраќање дипломати во неколку важни светски метрополи, со тоа што не свикува седница на Комисијата.


„Факт е дека има повеќе важни точки каде што, вклучувајќи го ете и Вашингтон и Софија каде што немаме испратено амбасадор, но имаше и објективни пречки, за таму каде што номиниравме амбасадор Антонио Милошоски преку Комисијата за надворешни работи да прави долготрајни блокади“, вели Бојан Маричиќ.

На ова реагираше Милошоски кој не одговори зошто не свикува седница на Комисијата за да се утврдат амбасадори туку обвини дека проблемот е во власта.

Владината фрагментираност е сама по себе опструкција за македонската дипломатија, а за тоа најдобро сведочи празната амбасада во Вашингтон, каде Македонија за прв пат од самостојноста цели 4 години нема амбасадор. Штетата по нашата дипломатија е уште поголема со чинот што во 2021 беше предложен амбасадор за кого САД вербално ни укажаа дека истиот го сметаат за неподобен а тоа е сериозен фаул, рече Милошоски.

По истекот на мандатот на последниот амбасадор во Вашингтон Васко Наумовски, Македонија веќе 4 години нема свој амбасадор во Соединетите Американски Држави. Празно е амбасадорското место во Брисел и Москва. Во Бугарија пак последен амбасадор беше Марјан Ѓорчев кој по истекот на неговиот мандат во април 2020 година Македонија речиси две години нема испратено амбасадор во Софија.