Во политичка размена на обвинувања за односите со Бугарија и процесот на европските интеграции, денеска реагираа од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со спротивставени ставови околу изјавите на министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова поврзани со преговарачката рамка на земјава со ЕУ, како и околу уставните измени и европската агенда на државата.
Од СДСМ оценуваат дека премиерот Христијан Мицкоски не ги исполнува дадените ветувања, особено во делот на реформската агенда, при што посочуваат дека Бугарија јасно ставила до знаење дека францускиот предлог останува на маса.
„Бугарија е јасна: Францускиот предлог е на маса. Нема што Мицкоски да ветува – секое негово ветување завршува со неисполнување. Уште 9 дена до 1 јуни и уште едно неисполнето ветување за Реформската агенда. Граѓаните веќе не веруваат во зборови. Сакаат резултати“, соопштија од СДСМ, пренесувајќи став од нивниот лидер, Венко Филипче на социјалните мрежи.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ упатија обвинувања кон Филипче, тврдејќи дека тој промовира бугарски позиции во земјава и дека има усогласеност во ставовите со бугарските власти околу одредени историски и политички прашања.
„Филипче е најголем промотор на бугарските позиции во Скопје. СДС и Филипче имаат ист став со бугарските власти по однос на уставните измени и европската интеграција“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Тој додаде дека Филипче треба да даде одговор на прашања поврзани со наводни политички влијанија и соработка со бугарски структури, како и да појасни, како што велат, дали е дел од „мисии“ за кои говори бугарската министерка Петрова-Чамова.
„Доколку Венко Филипче го избегне ова директно прашање и не одговори, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ повторно е во право за неговите соработувања со бугарските власти“, заклучи Манасиевски.
Ставовите на двете партии доаѓаат во период на засилени политички дебати околу европската агенда и уставните измени, кои остануваат една од клучните теми на домашната политичка сцена.
