И денес не се собра ѓубрето во Град Скопје. Отпадот се фрла околу контејнерите, бидејќи тие веќе два дена се преполни. Единицата за економски криминал влезе во просториите на градската администрација и во ЈП „Комунална хигиена“ и обезбеди документација како доказ зошто отпадот не се чисти.
„Единицата за економски криминал при СВР Скопје влезе вчера во просториите на Град Скопје и во Јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’, по налог на Јавното обвинителство Скопје, со цел прибирање на докази и запленување на соодветната документација за сомнежи за извршени кривични дела поврзани со работењето на Јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’ и градоначалничката на Град Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад. Документацијата е обезбедена и се преземаат дополнителни мерки и активности согласно насоките на Јавното обвинителство Скопје“, вели Гоце Андреев, МВР.
Градоначалничка на Град Скопје во заминување, Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук му се обрати на премиерот:
„Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема, здружено со твоите кадри вие го креирате и континуирано правите хаос, кој, бидејќи сте ‘способни’, ќе го ‘решите’ за 72 часа. Да заклучиме – штом се средува за 72 часа, било лесно да се реши, не знам што чекавте до сега. Многупати те повикав во интерес на граѓаните да соработуваш“, вели Данела Арсовска – градоначалничка на Град Скопје.
Од друга страна, новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, преку соопштение рече дека за хаосот со ѓубрето во Скопје одговорност треба да понесат ДУИ, Данела и Левица.