„Тетово го гледам како урбан град, со ефикасна патна инфраструктура, редовни линии на јавен транспорт, подземни паркинзи, чиста животна средина и зелени паркови кои се чуваат и одржуваат“, изјави Теута Арифи – градоначалничка на Тетово во 2013 година.
По 7 години и 10 месеци ветувања, во Тетово пристигнаа автобусите за градски превоз. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими денеска ги промовираа петте автобуси купени со кредит од Светска банка за инвестиција при што Тетово зеде кредит од 1.2 милиони евра, а вредноста на автобусите изнесува 720 илјади евра. Министерот за финансии рече дека општина Тетово овој кредит го добила за период од 13 години со камата од 3%.
„Станува збор за доста поволен кредит за период од 13 години со грејс период од 3 години и каматна стапка од 3%. Во конкретниот случај општината аплицираше и одобрена и е сума од 1.2 милиони евра, а што се однесува до транспарентноста и ефикасноста, општината заштедила и платени се само 720 илјади евра“, вели Фатмир Бесими – министер за финансии.
Градоначалничката на Тетово рече дека градскиот превоз стана реалност и дека ова богатство ќе го имаме толку колку што ќе бидеме посветени да го сочуваме.
„Денеска стоиме заедно пред вас за да соопштиме со гордост дека Тетово доби организиран урбан транспорт. Градот кој го сакаме и за кој работиме со многу голема посветеност, денеска ужива во доброто институционално организирање каде граѓаните имаат право и можност да избираат дестинација, пат и крајна адреса во удобноста на транспортот. Овој капитален проект бараше не само визија туку и тимска работа меѓу тие кои веруваа и работеа ова да стане реалност“, изјави Теута Арифи – градоначалничка на Тетово.
Иако се донесени 5 автобуси, урбаниот транспорт нема да почне веднаш да функционира бидејќи прво ќе треба општинскиот совет да донесе одлука за цената на билетите и рутата на автобусите.
„Нашата тенденција е тие наскоро да бидат ставени во функција, но треба да се има предвид и фактот дека се уште сме во сензитивна фаза на епидемијата. Се надевам дека наскоро ќе почнат да се сообраќаат. Важно е што ги завршивме процесите“, додава Арифи.
Петте автобуси се од марката ИСУЗИ а имаат еко мотор, значи дека се еколошки автобуси. Автобусите ќе можат да ги употребуваа и лицата со посебни потреби благодарение на посебниот механизам што го поседуваат.
