Има ли опасност од ширење на корона вирусот со кластер пратеници? Откако вчера на пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска и се слошило во Собранието, а потоа тестот се покажал како позитивен на Ковид 19, не е познато дали таа имала контакти со другите пратениците. Претседателот на Собранието Талат Џафери не сакаше да каже дали по вчерашниот случај би можело да се очекува тестирање на сите пратеници.
-Вчера пратеничката Петровска беше позитивна, дали планирате тестирање на сите пратеници?
И додека Џафери молчи, премиерот Зоран Заев е загрижен за состојбата во Собранието. Рече дека го плаши евентуалната нефункционалност на Собранието во иднина, бидејќи, како што истакна, во моментов повеќе од 10 отсто од пратениците за позитивни или во самоизолација, или пак нивни блиски се заболени од Ковид-19.
„Мене ме плаши неотворената можност за онлајн работењето на Собранието , иако тоа функционира. Како што имам информации, иако може не се точни, до сега од конституирањето на парламентот па до денес, имаме повеќе од 10 отсто заболени или во самоизолација членови на Собранието или нивните најблиски, а допрва доаѓа крајот на есента и почетокот на зимата.“, рече Заев.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски вели дека тие ги почитуваат протоколите и мерките во Собранието. Сепак, со оглед на тоа дека Петровска била во близина на другите колеги од пратеничката група на СДСМ можно е да имала контакти додека била на седницата. Митровски смета дека за тестови или изолација за пратениците дополнително ќе се утврдува дали е потребно.
„Знаете, вакви случаи имаше и во минатото, имаше пред две недели имаше и пред тоа и ние како и сите други граѓани ќе постапиме онака како што ќе кажат здравствените власти. Ако пратеникот кој што е позитивен на вирусот, како и секој граѓанин прави анкета и во својата анкета ако ги каже со кого контактирал каде бил со кој пратеник дали имал некаква средба, тогаш ќе се спроведат тестирања и тогаш ќе одат во изолација.“, изјави Митревски.
И координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски како и Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците велат дека пратениците ги почитуваат проколите за работа.
„Досега немам пријавено некои симптоми или нешто слично од пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Од информациите и разговорите кои што ги имав со пратениците, немале контакти со самата пратеничка а дистанцата и носењето заштитна опрема ја почитуваат сите пратеници. Доколку смета Собранието дека треба да се направат тестови не на одмет затоа што навистина може да дојде до некоја ситуација.“, вели Мицевски.
„Требаше навреме штом имаше симптоми да се самоизолира и да нема контакт со другите пратеници. Во врска со тоа дали сите пртеници треба да се тестираат мислам дека би било доволно да се тестираат тие со кој таа имала директен контакт.“, вели Рушити.
Претходно и пратеникот од Охрид од редовите на пратеничката група на СДСМ Лазе Таневски на фејсбук објави дека е позитивен на корона вирусот. А само два дена пред тој да биде заразен на Инфективната клиника беше примен пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски.
