Победата на Арсовска се славеше со албанско знаме, АА во Град Скопје со една нога на власт, со една во опозиција

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Во октомври минатата година, Данела Арсовска прослави победа и стана градоначалничка на Град Скопје. За неа гласаа и Албанци, а на прославата не изостана ниту црвено-црното знаме.

Во тоа време, Арсовска доби поддршка од Алијанса за Албанците, а како резултат на победата, на оваа партија ѝ припадна директорското место во ЈП „Комунална хигиена“.

Но, по вооружениот инцидент на плоштадот „Скендербег“, Арсовска го разреши Зуди Енузи-Кока од функцијата – директор, поради тоа што неговиот брат пукаше во воздух.

Денеска од Град Скопје објавија дека на местото на Кока, назначена е Косана Мазнева, што значи дека Алијанса за Албанците остана без оваа позиција.

Мазнева доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а во два мандата, односно 2008/11 и 2011/14 беше и пратеничката на партијата.

Само ден по разрешувањето на Зуди Кока, од партијата на Села, барем декларативно, рекоа дека прекинуваат секаква соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

-Мислам дека овде завршува нашата приказна во Скопје бидејќи за негово разрешување, градоначалничката прво треба да се консултира со нас. Ова го кажувам лично, не во име на партијата, меѓутоа денеска ќе имаме и состанок во партијата-рече Таравари.

-За да го потврдиме тоа, како резултат на последните случувања, на антиалбанските повици, на сценарија кои нашиот здрав разум не може ни да ги разбере, прекинуваме секаква соработка сè додека овие политички субјекти не ја рефлектираат и запрат логиката на политичко профитерство со анатемизирање на Албанците-рече Вјолца Бериша.

Сепак, во Град Скопје, функцијата заменик-градоначалник и понатаму ја извршува кадар на Алијанса за Албанците. Бујаре Абази сѐ уште е на задача, заедно со уште неколку заменици-директори во јавни претпријатија.