Џејн Гудал, светски позната експертка за шимпанза и долгогодишна активистка за права на животните, почина на 91-годишна возраст, објави Институтот „Џејн Гудал“, пренесува Би-Би-Си.
Таа почина од природни причини во Калифорнија, каде што требаше да настапи како дел од турнејата во САД.
„Таа беше неуморен застапник за заштита и реставрација на нашиот природен свет“, се вели во соопштението на институтот.
Кога отиде во Африка да ги проучува шимпанзата на само 26-годишна возраст, немаше формална научна обука, но успеа да ја добие довербата на приматите – што доведе до револуционерни откритија во однесувањето на животните.
Нејзините набљудувања не само што го променија нашето разбирање за однесувањето на животните, туку влијаеја и на тоа како луѓето се гледаат себеси во однос на остатокот од природниот свет.
Во една програма на Би-Би-Си во 1986 година, таа рекла дека уште како дете знаела што сака:
„Од мојата година и пол или две, ги проучував инсектите, сите живи суштества… Постепено растеше, се развиваше. Читав книги за доктор Дулитл и Тарзан – и знаев дека мора да биде Африка.“
Џејн Гудал го основа својот институт, беше гласник за мир на Обединетите нации и инспирираше генерации научници и активисти.
Нејзината посветеност на природата и животните никогаш не исчезна, и до последните денови држеше говори и ширеше пораки за надеж и зачувување на планетата. Неодамна присуствуваше на самитот на Форбс во Белград.