Премиерот Христијан Мицкоски со емотивна порака се прости од градоначалникот на Општина Брвеница, Јовица Илиевски, по веста за неговата ненадејна смрт.
Мицкоски истакна дека Илиевски бил работлив, чесен и скромен човек, кој целиот свој ангажман го посветил на граѓаните и развојот на општината што ја водел.
„Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати. Беше секогаш меѓу луѓето, ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби“, напиша Мицкоски.
Тој потсети дека граѓаните на Брвеница му ја дале довербата и за втор мандат, препознавајќи ја неговата посветеност и работа.
Премиерот нагласи дека Илиевски ќе остане запаметен и како голем љубител на спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце.
„На последните избори ја добивме најважната битка за твојата Брвеница. Твоето дело и споменот за тебе нема да бидат заборавени. Вечен спомен!“, порача Мицкоски.
Сочувство до семејството на Илиевски, неговите најблиски, како и до граѓаните на Брвеница, упатија бројни јавни личности и политичари.
