Почина легендарниот Пеле – замина кралот на фудбалот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пеле, бразилскиот фудбалски крал кој освои рекордни три Светски првенства и стана една од најистакнатите спортски фигури во минатиот век, почина во четвртокот. Тој имаше 82 години.

Се лекуваше од рак на дебелото црево од 2021 година. Последниот месец беше хоспитализиран поради повеќе заболувања.

Неговиот агент Џо Фрага ја потврди неговата смрт.

Пеле се смета за еден од најголемите играчи. Помина речиси две децении на фудбалскиот терен, маѓепсувајќи ги навивачите, но и противниците со неговите потези. Тој е најдобар стрелец на бразилскиот клуб Сантос и бразилската репрезентација.

Неговата грациозност, атлетизам и хипнотизирачки потези ги збунуваа играчите и навивачите. Тој оркестрираше брз, флуиден стил кој го револуционизира спортот – со шмек и налик на самба што ја персонифицира елеганцијата на неговата земја на теренот.

Тој го однесе Бразил до фудбалските височини и стана глобален амбасадор на неговиот спорт во патувањето кое започна на улиците на државата Сао Паоло, каде што шутираше чорап наполнет со весници или партали.

Кога се спомнуваат најголемите, покрај Пеле се споменуваат само покојниот Диего Марадона, Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

Играчот кој ќе биде наречен „Кралот“ беше претставен на светот на 17 години на Светското првенство во Шведска во 1958 година, најмладиот играч досега на турнирот. Тој беше изнесен од теренот на рамениците на соиграчите откако постигна два гола во победата на Бразил со 5-2 над земјата домаќин во финалето.

Сликата на Пеле во светол, жолт дрес на Бразил, со бројот 10 втиснат на грбот, останува жива кај фудбалските фанови насекаде.

Славата на Пеле беше таква што во 1967 година, фракциите на граѓанската војна во Нигерија се согласија на краток прекин на огнот за да може да одигра егзибициски натпревар во земјата.

„Фудбалот (трае) 15 години. Кога ќе престанеме да играме, застануваме на 34, 35 години. И тогаш имаш цел живот на кој треба да продолжиш. Сакам да видам дали можам да дадам повеќе од себе на моето семејство. Се грижам за мојот бизнис – речиси никогаш не сум во Сантос – и треба да продолжам со мојата работа во банка“.

Тој беше прогласен за витез од британската кралица Елизабета Втора во 1997 година. Кога тој го посети Вашингтон за да помогне во популаризацијата на играта во Северна Америка, американскиот претседател беше тој што ја подаде раката прв.

„Сите знаат дека поминав најважен и најтажен момент во мојот живот. И ми е многу, многу жал, затоа што ќе престанам да го работам она што најмногу ми се допаѓа во животот, да играм фудбал“.

Животот на Пеле после фудбалот имаше многу форми. Беше политичар — вонреден министер за спорт на Бразил — богат бизнисмен и амбасадор на УНЕСКО и Обединетите нации.

Имаше улоги во филмови, опери, па дури и компонираше песни и сними ЦД-а со популарна бразиска музика.

Бидејќи неговото здравје се влошувало, неговите патувања и појавувања станувале поретки. Во последно време често беше забележуван во инвалидска количка и не присуствуваше на церемонијата на откривање на статуата на која ја претставува репрезентацијата на Бразил од Светското првенство во 1970 година. Пеле го помина својот 80-ти роденден изолиран со неколку членови на семејството во куќа на плажа.

Роден е како Едсон Арантес до Насименто, во малиот град Трес Коракоес во внатрешноста на државата Минас Жераис на 23 октомври 1940 година.