Познатиот гитарист Ејс Фрејли, кој е еден од основачите на познатата американска рок група „Кис“, почина на 74-годишна возраст како последица од пад во неговото студио.
Фрејли имал несреќа пред неколку недели откако паднал во студиот, а вчера бил хоспитализиран откако му се влошила состојбата и починал од крвавење на мозокот.
Фрејли беше познат на сцената како Спејсмен од времето кога „Кис“ го основаше заедно со Пол Стенли, Питер Крис и Џин Симонс во 1973 година.
„„Фрејли беше суштински и незаменлив рок-војник за време на фундаменталните поглавја од историјата на бендот. Тој секогаш ќе биде дел од наследството на ‘Кис‘“, кажаа Симонс и Стенли во заедничко соопштение.
Фрејли беше во групата од 1973 до 1982 и потоа одново од 1996 до 2002 година. Често во тие години свиреше гитара која испушташе чад, а за ова време сними десет албуми со групата. Лани го објави својот осми соло албум.
Фрејли беше примен во Рокенрол куќата на славните како еден од основачите на „Кис“.