Почина универзитетскиот професор и дипломат Јован Донев

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Скопје денеска, на 71-годишна возраст, почина универзитетскиот професор, научник и дипломат Јован Донев.

Донев зад себе остави богата академска, научна и дипломатска кариера, со особен придонес во истражувањето на македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси на Балканот.

Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година, магистрирал во 1986, а докторирал во 1993 година. Својата научна кариера ја градеше во Институтот за национална историја, каде што беше научен советник и редовен професор.

Во периодот од 1999 до 2012 година беше директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а предаваше и на повеќе високообразовни институции.

Донев имаше и значајна дипломатска кариера. Од 2013 до 2017 година беше амбасадор на Македонија во Обединетото Кралство, а во истиот период беше акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд. Во 2017 година беше и член на Советот за безбедност.

Автор е и коавтор на бројни научни трудови и публикации посветени на македонското прашање, меѓународните односи, Балканот и надворешната политика.