Почина Владимир Блажев – Панчо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почина Владимир Блажев – Панчо, еден од основачите и членовите на култното дуо ДНК.

Тој имаше тешки повреди по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Седум месеци траеше неговата најтешка битка.

Тој е 63-тата жртва во трагедијата во која животот го загуби и неговиот колега и најдобар пријател, Андреј Ѓорѓиески, заедно со уште неколку нивни соработници.

„Генерално тие што имаат талент и што знаат дека си талентирани, не се толку амбициозни, постојано е обратно и затоа мислам дека нема таков квалитет бидејќи тие што се квалитетни им е преку глава, гледаат што се случува знаат во себе го носат тоа, но јас пак ќе им кажам тие треба да се амбициозни бидејќи ќе стигнат многу повеќе од тие што плаќаат мама и татo“, вели Панчо.

Роден во Скопје на 29 јули 1979 година, Владимир Блажев – Панчо, заедно со Андреј, ја формираше групата ДНК во 2001 година. За кратко време, тие станаа повеќе од музичко дуо. Тие станаа симбол на една генерација, хроничари на урбаниот живот, љубовта и пријателството.

„Знаеш како е музиката? Ти не можеш да направиш песна и да кажеш ќе биде хит. Публиката е таа која за тебе одлучува. Твое е само да работиш и максимално да си посветен на тоа што го сакаш, бидејќи ако лажеш или глумиш на телевизија, тоа се забележува“, рече Панчо.

Со хитови како „Благодарам однапред“, „Полна месечина“, „Навлечен на тебе“ и многу други, тие испишаа цели страници во македонската музичка историја. Снимија шест албуми, а својата 20-годишна кариера ја прославија со голем концерт во салата „Борис Трајковски“ во 2022 година.

„Кога некој ќе замине од овој свет знаеме дека останува со нас, но за вечно да живее треба да го споменуваме некако“

„Знам низ што се сме поминале. Знам низ што се сме поминувале. Ама сум многу горд на мене и на Андреј дека сме останале исти од првиот ден. Едноставно тоа е начинот и патот до успехот“, порача Владимир Блажев.

Но, Панчо не беше само музичар. Тој беше и голем хуманитарец. Заедно со Андреј, секогаш беа први да помогнат, да донираат за сиромашни семејства, да поддржат млади таленти и да одржат хуманитарни концерти.

„Скромноста е одлика на големите, ние сме така воспитувани, стално помагаме колку можеме, дел од сите тие пари кои ги земаме сме дале сигурно повеќе од 2-3 спотови во хуманитарни цели, а сме можеле да ги искористиме за промоција и видео записи, но јас велам, господ гледа. Важно е ние да сме среќни на крајот од денот“, вели Владимир Блажев.

Зад себе ја остави сопругата Маја и двата сина, Андреја и Марјан.

Нивните дела и песни ќе живеат вечно. Македонија се збогува со својот миленик, со човекот кој со својата музика и хуманост допре до срцата на многумина.