Татијана Шлосберг, внука на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди, почина денес на 35-годишна возраст, откако во ноември објави дека ѝ е дијагностицирана ретка форма на леукемија, пренесува Ројтерс.
Веста за нејзината смрт ја објави на социјалните мрежи Фондацијата на претседателската библиотека и музеј „Џон Ф. Кенеди“.
„Нашата прекрасна Татјана почина утрово. Таа засекогаш ќе биде во нашите срца“, пишуваше во објавата.
Во есеј објавен во ноември во „Њујоркер“, Шлосберг напиша дека ѝ е дијагностицирана акутна миелоидна леукемија со ретка мутација, форма на рак на крвта и коскената срцевина.
Татјана Шлосберг беше ќерка на Каролина Кенеди, единствената преживеана ќерка на претседателот Џон Ф. Кенеди, и Едвин Шлосберг.
Таа беше мајка на две деца и со години се занимаваше со климатско новинарство, а го критикуваше и својот братучед Роберт Кенеди Џуниор за неговите ставови за вакцините и медицината, кој сега е министер за здравство под претседателството на Доналд Трамп.
„Гледав од мојот болнички кревет како Боби, спротивно на сета логика и здрав разум, беше потврден за оваа позиција, иако никогаш не работел во медицината, јавното здравство или владата. Одеднаш, здравствениот систем од кој зависев ми се чинеше напнат, кревок“, рече таа.
