Почна аплицирањето за ваучери во вредност од 15.300 денари – Азизи: Студентите да аплицираат онлајн

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од денес (17 ноември) до 20 декември годинава, студентите ќе можат да аплицираат за ваучер во вредност од 15.300 денари за да купат електронска опрема. Министерството за дигитална трансформација го распиша јавниот повик, на кој право на аплицирање имаат 55 илјади редовни и вонредни студенти, изјави за ТВ21 портпаролката на Владата, Венера Азизи.

„Вкупната сума е 15.300 денари. Сакам на почеток да нагласам дека сите студенти треба да се најават во системот за Е-услуги, на веб-страницата uslugi.gov.mk, каде што се наоѓа и линкот – Јавен повик за добивање електронски ваучер.“, вели Азизи.

Но, доколку студентите имаат проблеми со апликацијата, Азизи објаснува дека треба да подигнат потврда од Универзитетот, па потоа тој документ да го прикачат во системот на Е-услуги и да ги следат потребните чекори.

„Доколку им се појави проблем дека не се евидентирани во регистарот на Министерството за образование и наука, системот автоматски ги известува дека немаат таква евиденција. Потоа веднаш им се дава друг линк кој ги упатува на друга апликација. Повикот е ист, само формулацијата укажува дека не се во МОН. Таму треба да прикачат документ – потврда дека се редовни студенти или студенти со кореспонденција, потврда која ја добиваат од институцијата каде што студираат.“, рече Азизи.

Веднаш по објавувањето на повикот, аплицирале околу 1.000 студенти. Опремата купена со ваучерот треба да се подигне најдоцна до крајот на оваа година односно до 31 декември.