Почна гласањето на осмите локални избори во Македонија – грaѓаните избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На територијата на Македонија денеска се одржуваат осмите локални избори, на кои граѓаните избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

Гласањето започна во 7 часот, а избирачките места ќе бидат отворени до 19 часот.

Право на глас имаат 1 832 415 избирачи кои се запишани во избирачкиот список. Ќе се гласа на вкупно 3 474 избирачки места.

Граѓаните бираат меѓу 309 кандидат за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на советите. Вкупниот број на кандидати за советнички листи е 19 490.

Учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 група на избирачи, односно независни кандидати. За Град Скопје се пријавени 16 кандидати за градоначалници.

Изборниот процес го следат 1451 набљудувач, 807 домашни и 644 од странство.

Гласачко место може да се затвори и пред 19 часот, но само ако претходно гласале сите граѓани запишани во изводот од избирачкиот список и со претходна согласност од надлежната општинска изборна комисија. Но, во тој случај броењето на гласовите не смее да почне пред 19 часот.

Четири ливчиња ќе добијат гласачите во Скопје. По едно за градоначалник и за совет на Градот Скопје, и по едно за градоначалник и совет на општината во која живеат.

Првичните резултати од изборите се очекуваат некаде околу полноќ. За градоначалник да биде избран уште во првиот круг, мора да добие мнозинство гласови од гласачите кои гласале, но ако на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список за соодветната општина. Ако во првиот круг не излат една третина од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список на општината, односно Градот Скопје, целата постапка се повторува

Ако не добие никој потребно мнозинство, тогаш двајцата кандидати со најмногу гласови одат во втор круг кој се одржува на 2. ноември. Во вториот круг победува кандидатот кој има поголем број гласови.

Гласањето се одвива со лична карта или пасош, при што задолжително има и биометриска идентификација на гласачите. Граѓаните гласаат зад паравани со сино хемиско пенкало, а гласањето е тајно. Строго е забрането групно или семејно гласање, како и носење оружје на избирачките места.

Вчера гласаа болните, изнемоштените, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.