-По 40 дена престој во атарот на Шар Планина, жителите на Синичане издејствуваа денеска да започне работата за изградба на водоводна мрежа во селото. Уште неколку дена работа и вода за пиење ќе стигне и во ова село-вели репортерот на ТВ21.
Ваква беше работната атмосфера денеска во атарот на Шар Планина. По 40-дневен протест, труд и упорност жителите на Синичане успеаја да издејствуваат старт на работните активности за изградба на водоводната мрежа. Велат дека водата за пиење е елементарна потреба за живот, иако била потребна голема пожртвуваност.
„Со средбите што ги имавме во Влада, со договор кој го постигнавме во Влада успеавме да почнеме со работа. Почнавме со работа, имаме уште работа, но уште еден ден и ќе завршиме. Водоводот во село Синичане за нас е големо достигнување”
„Конечно е постигната целта со договор кој го постигна селото со Владата. Но, секој труд носи и нешто добро со себе. Водата за пиење е елементарна потреба. Оваа работа требаше да биде завршена и конечно ја постигнавме целта“
Изградбата на водоводната мрежа во село Синичане започна со иницијатива на локалните мештани, но по неколкуте пријави дека наводно овие села се снабдуваат со вода од с.Урвич, градежните активности во Синичане беа запрени од страна на полицијата. Синичане спаѓа под општина Боговиње, а пет илјади жители немаат вода за пиење. Според податоците на Институтот за јавно здравје водата со која во моментов се снабдува селото не е за пиење дури има опасност од бактеријата ешерихија коли. Градоначалникот на Боговиње, Аљбин Џемаили за ТВ21 рече дека наредниве денови ќе излезе со дополнителни информации околу договорот постигнат меѓу жителите, општината и Владата.
