Започнува примената на брзите тестови кои се најнова технологија со која за 15 минути се утврдува дали кај тестираниот е присутен вирусот Ковид 19. Ваквиот вид тестирање беше направен денеска во Здравствен дом Скопје од каде имале набавено околу 4000 тестови. Станува збор за тестови кои даваат 99,6 отсто точност на резултатот.
Од денеска во Здравствениот дом Скопје започна примената на брзите тестови за Ковид–19. Тестирањето може да го направи секој кој има симптоми на Ковид 19. Доколку е лицето позитивно, веднаш во текот на денот ќе биде известено од Институтот за јавно здравје кој понатаму ќе постапи со епидемиолошка анкета за лицето да биде ставено во изолација. Во однос на постапката со овие тестови, прво се зема брис назоферигијално, потоа се става во епрувета во која има течност, потребно е од 15 до 20 минути, на една плочка се капнува каде што веднаш се добива резултатот.
Од дополнителните 13 илјади брзи тестови кои се донација во Министерството за здравство денеска пристигна 3000 тестови. Останатиот дел од тестовите ќе биде испорачан до среда. Овие брзи тестови се бесплатни за граѓаните, а истите ќе бидат распоредени низ 13 те болници во државата, во Клиниката за инфективни болести во Скопје, Болницата 8 Септември, Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле и Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза-Скопје.
„Тринаесет илјади брзи тестови утре и задутре следната недела ќе бидат дистрибуирани по сите болници и до Центарот за јавно здравје каде што се прават тестирања. Тоа се брзи тестови кои што се готови за 15 минути, тоа се најновите тестови, најновата технологија, со тоа уште повеќе се зголемува капацитетот на сите државни лаборатории и тоа ќе стане и редовна пракса на тестирање“, посочи Венко ФИлипче.
За тестирање со овие тестови нема да се плаќа, вели министерот Филипче, а ќе се закажува преку системот за евиденција „Мој термин“, преку алгоритамот кој се применува и за другите тестови. Во исто време државата со пари што се предвидени со ребалансот на Буџетот ќе набави уште околу 100.000 брзи тестови.
