Почнува изградбата на новиот булевар „Македонско-косовска бригада“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По завршувањето на подготвителните активности, Град Скопје се подготвува да ја започне изградбата на новиот булевар „Македонско-косовска бригада“, проект кој треба да ја подобри сообраќајната поврзаност и мобилноста во овој дел од градот.

Градоначалникот на Скопје, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, изврши увид во завршните активности пред почетокот на градежните работи.

Во првата фаза ќе се работи на делницата од крстосницата со улицата „Џон Кенеди“ до булеварот „Босна и Херцеговина“.

Проектот предвидува изградба на современа сообраќајница со вкупно четири коловозни ленти – по две во секоја насока. Предвиден е и средишен зелен појас, како и велосипедски патеки во двата правци.

Во рамки на проектот ќе бидат изградени и нови тротоари, атмосферска канализација и современо улично осветлување. Просторот од двете страни на булеварот ќе биде дополнително уреден со заштитно зеленило, а предвидени се и проширувања кај автобуските стојалишта.

Од Град Скопје очекуваат новата сообраќајница да придонесе за подобро и побезбедно одвивање на сообраќајот, но и за подобра мобилност на пешаците, велосипедистите и корисниците на јавниот превоз.

Со реализацијата на проектот, постојниот простор треба да се трансформира во организиран урбан коридор со подобрена инфраструктура и услови за одржлива мобилност.

Градот најавува дека продолжува со реализација на капитални инфраструктурни проекти во различни делови на Скопје, со цел подобрување на сообраќајната мрежа и инфраструктурата во градот.