Почнува кампањата, партиите со ветувања за подобра економија и живот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Од утре стартува трката за 120-те пратенички места. 1578 кандидати од 15 политички партии, ќе се натпреваруваат за мандат како народен пратеник. Веќе се избрани и слоганите под кои политичките партии ќе настапат на претстојните предвремени парламентарни избори. Владеачката СДСМ заедно со своите коалициони партнери ќе настапи со слоганот „Можеме – Уште подобро и уште повеќе“.

„Можеме уште подобро и уште повеќе. Тоа го потврдивме преку програмата која нуди реални остварливи и квалитетни решенија. Прв наш столб е економијата каде предвидуваме отворање 100 илјади нови работни места и невработеноста да падне под осум проценти до крајот на мандатот во 2024 година. На изборите нудиме 300 евра минимална и 600 евра просечна плата, раст на пезниите од 21 отсто, минимална пензија од 10.800 денари. Сето тоа е остварливио и реално, зашто и досега покажавме дека платите и пензиите може да растат, а невработеноста да опаѓа“, рече Заев.

Коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ го одбра слоганот „Повеќе“. Велат дека на државата и е потребна обнова на економијата, здравството, правниот систем и образованието.

„Обновата е нашата визија за промена на тешката реалност која ја живее секој еден граѓанин. Обнова која ќе донесе повеќе за секого, и промени кои ќе ја направат Македонија онаква каква што сакаме да ја имаме. Следува период на нова надеж, нов исчекор каде ќе покажеме дека не сме сите исти.“, рече Мицкоски.

ДУИ одлучи за слоганот „Дојде време за првиот премиер Албанец“. Од партијата велат дека за оваа кампања е снимена и песна под наслов “Јас верувам“.

„Оваа кампања нема да биде вообичаена. Оваа кампања за нас ќе биде Движење за првиот премиер Албанец, и поради тоа нашата организација ќе служи како платформа, и затоа ги повикуваме сите граѓани Албанци и другите да му се придружат на ова движење и да го поддржат со идеи и придонес.“, изјави Груби.

И коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернативната ќе се залагаат за подобар живот за сите граѓани, така што заеднички се одлучија за слоганот „Сега е време“.

„Сметавме дека слоганот е доста прагматичен и слоган со кој ќе им се обратиме на граѓаните и гласачите за промени по 16 години власт на ДУИ. Овој слоган подразбира дека сега е време за подобар живот за сите граѓани на Северна Македонија, дека е време за политичко застапување на Албанците многу подобро од изминатите 16 години, бидејќи сметаме дека не беа застапувани онака како што заслужуваат.“, рече Фљакрон Беџети.

Демократска партија на Албанците одлучи да се претстави со слоганот „Летото доаѓа  преку врата“. Од овој субјект велат дека за овој слоган се одлучиле врз основа на убедувањата дека ова лето им припаѓа на Албанците кој ќе донесе промени. Македонски концепт на овие избори ќе настапи со изборниот слоган “Последна Шанса“.

„Ова е последна шанса. Последна шанса да ја спроведеме на дело идеологијата на здравиот разум. Последна шанса да живееме во слобода, спокој и солидарност. Последна шанса да изградиме нормална држава со богати граѓани. И на крај, последна шанса да си ја вратиме државата во свои раце.“, вели Петар Богојевски.

Главната реторика која ќе ја имаат наредните 20 дена политичките партии е економскиот развој и квалитетно образование, здравство и за култура. Сите овие сегменти се главни точки кои ќе бидат презентирани за време на кампањата пред граѓаните.