Почнува меѓународниот фестивал „Чаршија“ – музиката ги обединува културите во Скопје

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“ има за цел на една сцена да ги обедини класичната музика, фолклорот и ритмите на фламенкото, создавајќи настан што ќе им остане во наследство на идните генерации. Ова го истакна сопранистката Инва Мула на промоцијата на првото издание на фестивалот во Скопје.

„Сакавме да започнеме со вклучување на повеќе жанрови во програмата, за фестивалот да биде меѓународен, а не само фестивал на класичната музика. Денес музиката треба да биде многу демократска, да ги отвора вратите, да ги зближува луѓето и да нема културни бариери. Секој човек треба да може да се пронајде во неа, особено затоа што Чаршијата собира луѓе од различни култури и со различни интереси.“, вели Инва Мула.

Сопранистката Дешира Ахмети најави дека првата фестивалска вечер ќе биде отворена со трио уметници од Соединетите Американски Држави, Италија и Франција, изразувајќи уверување дека фестивалот ќе прерасне во културна традиција.

„Вечерва започнуваме со трио кое доаѓа од Соединетите Американски Држави, Италија и Франција. Се надеваме дека публиката ќе ужива, а нашата мисија и мојата желба да создаваме убави работи нема да запрат.“, порача Дешира Ахмети.

Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека целта е фестивалот секоја година да расте и по квалитет и по содржина.

„Изборот на овие простори не е случаен. Старата скопска чаршија отсекогаш била место каде што се среќавале културите, луѓето и историјата. Токму затоа веруваме дека ова е вистинското место уметноста да добие уште поголема улога во јавниот живот и да создаде природна врска меѓу нашето културно наследство и современото творештво.“, вели Изет Меџити.

Министерот за култура, Сeдат Сулејмани, рече дека фестивалот ќе биде мост меѓу традиционалната и современата култура.

„Како министер за култура, секогаш ќе ги поддржувам ваквите иницијативи и се надевам дека заеднички ќе постигнуваме големи успеси.“, вели Седат Сулејмани.

Првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“ ќе се одржи од 23 до 26 јули на локациите Сули ан и Куршумли ан, каде што ќе настапат домашни и меѓународни уметници.