Вака изгледа планот за изградба на училиштето во Визбегово, Скопје. Владини и општински функционери дојдоа за да го означат стартот на градежните активности. Штом пристигнаа на местото каде што ќе се гради училишниот објект, претставник на градежната компанија го прочита планот:
„Согласно предвидената динамика за 18 месеци ќе заврши сѐ“.
„Мислите дека ќе успее?“
„Можно е и порано“.
„Браво“.
За да ги дознаат деталите околу училиштето, излегоа и жителите на Визбегово кои со години го чекаа овој ден.
Овој настан ги обедини поранешниот прв човек на Бутел, Велимир Смилевски и новиот градоначалник Дарко Костовски. Министерката за образование, Мила Царовска рече дека по 8 години, ветувањето за изградба на училиште станува реалност.
Но, дали може да им биде ветено на жителите на Визбегово дека процесот на изградба нема да има пречки и дека конечно учениците од оваа населба ќе добијат училиште?
Првиот вицепремиер, Артан Груби рече дека проектот ќе заврши порано од предвиденото.
„Согласно ветувањето на изведувачот на проектот, односно компанијата, во рок од максимум 18 месеци, дури велат, ако е тука нека ме исправи, дека ќе го завршат уште порано“, вели Артан Груби.
И актуелниот градоначалник на Бутел вети дека општината максимално ќе се залага за целосна изградба на ова училиште.
Учениците од Визбегово долго време го чекаа овој ден. Поради тоа што немаа училиштен објект во нивната населба, беа принудени настава да следат во други општини. Меѓу другото, градоначалникот на Бутел вети дека ќе биде регулирано и прашањето со превозот на учениците кои учат во други општини додека не се изгради училиштето во нивното населено место.
