Постојат индиции за картел и кај авто-школите. Комисијата за заштита на конкуренцијата проверува над 40 авто-школи бидејќи се сомнева дека ги договарале цените за обука на возачи. Инаку од почетокот на месецов авто-школите ја зголемија цената за обука за 8.500 денари или за 35 проценти. Па за полагање на возачки испит за Б категорија, наместо 24.400 денари, сега наплаќаат 33.000 денари. Од Комисијата велат направиле увид, сега собираат докази.
-При увидот се констатирани индиции кои упатуваат на можност за усогласено однесување на авто школите – картел при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи што преставува потенцијално прекршување на член 7 став (1) од Законот за заштита на конкуренцијата, велат од КЗК.
Инаку од авто школите кои ги контактираше ТВ21 тогаш изјавија дека одлуката за покачување на цената ја донеле сами на состанок и дека морале да се одлучат на ваков чекор бидејќи трошоците пораснале, а цената не била мрдната десет години. Пред 15 години имале утврдено најниска цена од државата од 19.300 денари. Но пред десет години ја покачиле на 24.500 за сега таа да изнесува 33.000 денари.
-Бевме регулирани, најниска цена добивме пред 15 години од државата, после тоа сами си ги зголемувавме, затоа што веќе не може да се издржи. Друго беше пред 15 години, друго беше пред 10 години. Нафтата се качи, трошоците се зголемија, вели во изјава за ТВ21, сопственик на авто школа.
Од Комисијата велат доколку се потврди постоење на забрането договорно дејствување, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно Законот за заштита на конкуренцијата.
Неодамна беше откриен картел и во осигурителниот бизнис. Десет осигурителни компании беа казнети со вкупно 280.000 евра, бидејќи се договориле да ги поскапат полисите за автомобилска одговорност. А претходно казна од по 50.000 евра за картелско здружување за договарање цени добија 4 маркети. Сојузот на стопански комори беше казнет со 18.000 евра.
